Објавено на од во категоријата Без категорија.

Тагови:

destinations-usa-new-york

Едно лето, не така одамна, си ги спакував 38те куфери полн со тегли ајвар и сирење (да ми се најдат), им мафнав на мама и тато и се качив на автобус. Да, со автобус не се стига до Америка, ама се стига до Белград од каде леташе авионот кој ме однесе преку големата бара. И по многу нешта тоа лето ќе го паметам како прво и последно, најстрашно и најважно искуство за моите тогашни 20 години.

img_7096

Брзо ќе премотам преку искуството да седиш на средното седиште во авион, на преку-океански лет кој трае една цела вечност, додека на рамото ти заспал непознат човек кој хрчи и се лигави во сон, а тебе очајно ти се оди во тоалет, но не можеш, што од страв дека ќе се налути ако го разбудиш, што од незгодно – не поминаа ни 15 минути од кога последен пат бев.

Не, на мојот лет немаше wi-fi. Не, немаше ниеден интересен филм за гледање. Не, од возбуда не можев ни да заспијам. И така, после некое време, што мене ми се чинеше како 3 дена, слетав на копното на „ветената земја“ и се заљубив…на трет поглед.

Првиот поглед не беше ама ич симпатичен. Стерилен аеродром со шарени теписони и милион плави деца кои досадуваат на мајка им на развлечен тексашки акцент за да им даде нешто портокалово од zip-lock кесичка која така грижливо ја спакувала за патувањето. После ќе научам дека тоа портокаловото се  cheese puffs – нешто што личи на нашите смоки, само што е 100 пати позаразно и мајка ми со сигурност не сака да го јадам (ве молам не и кажувајте дека се продаваат во тегли од по 3 кила и дека имам изедено цела таква…неколку пати).

dsc00232

На втор поглед, сакав дома, а третиот поглед ми се случи кога слетав на Александар Велики неколку месеци подоцна и сфатив дека ништо веќе не е исто. И така, денес седам тука и се обидувам листата од 101 причина да ја стеснам на 10 причини поради која МОРАШ да ја видиш Америка.

  1. Затоа што е шанса која веројатно нема да ти се пружи никогаш повторно.

Да бидеме реални, освен ако немаш вујко во Америка, тешко дека било кога ќе можеш да ја посетиш. Авионската карта е скапа, престојот таму чини многу, а и веројатно имаш обврски – мораш да учиш, да одиш на работа и слично. Затоа, има ли нешто подобро од тоа да шеташ додека заработуваш?

  1. Затоа што Америка е друг свет.

Кваката од вратата не се стиска туку се врти. Тушот е фиксиран за ѕидот и не се прилагодува на ниеден начин – ти ќе се прилагодиш на него. Зелена салата се продава измиена, исечкана и спакувана во кесичка, ја вадиш и ја јадеш, толку. Нема кафулиња на секој чекор, па дремење на кафе по цел ден, па муабети, одиш во Starbucks, си купуваш кафе за носење и тоа е ритуалот. Секаде се оди со кола. Се е големо. СЕ Е ГОЛЕМО. Паркинг местата се големи. Гардеробата во продавница за облека е голема. Кока-колата во кино е голема. Под голема не мислам голема. Мислам огромна. Замисли си кока-кола во пакување од 2 литра, да си ја испиеш додека го гледаш Deadpool во кино. Замисли си тегла со смоки од 3 кила. Замисли си пилешки стек голем колку прасето што го печевте лани за Нова година…

Откако сето ова ќе ти стане нормално, ќе успееш да ги видиш и сите останати работи по кои Америка е посебна. Верверички шетаат по улица, во огромен број, исто како што ние имаме улични мачиња. Истите тие верверички ти крадат помфрит од бургерот затоа што се гладни. Има милион инсекти за кои никогаш не си слушнал, ама многу брзо ќе научиш што значи да те касне chigger (јас упорно ги викам комарци на стероиди). Го има Њујорк, да се изгубиш и Grand Canyon за да сфатиш колку си мал. Има и заспани гратчиња со големина на село во Дебарско во кои и во 4 сабајле работи  McDonalds и можеш да преспиеш во Best Western додека се возиш на првиот road-trip во твојот живот. Ништо не е како дома, ама ќе ти се допадне, сигурно!

grandcanyon1

  1. Затоа што ќе стекнеш пријателства кои ќе ги паметиш засекогаш

Кога друг пат ќе имаш можност да се занесуваш од смеење додека Адмир од Босна ја учи Caitlyn од Тексас како подобро да ги изговори најсочните балкански пцовки? Кога друг пат ќе ја буцкаш Марија од Виница за да престане да хрчи додека се обидуваш да заспиеш после трета смена?

Нема да те лажам дека тоа се пријателства за цел живот. Веројатноста е голема дека ниту еден од овие луѓе нема да ги видиш повторно. Но ќе ги паметиш засекогаш и ќе се потсетуваш на секој момент поминат со нив затоа што ќе ти бидат семејство за тие неколку месеци.

  1. Затоа што никој не сака мамини синови.

Расипан е тушот? Штета! Немаш кревет? Баш ми е жал. Ти се јаде? Ќе јадеш во Jack in the Box и ќе плачеш по гравот на мајка ти. Изгужвана ти е униформата, а за 15 минути мораш да одиш на работа? 15 минути се таман време за да научиш како да пеглаш.

Сите сме растени со сребрена лажичка, дома мама и тато се грижат да имаш за јадење, да имаш џепарлак, да си легнеш на време и да те земат од факс ако случајно врне (да не одиш по дождот, нели!)…Е тука нема тоа. Ќе ти биде тешко, ама ќе се снајдеш.

  1. Затоа што ќе научиш да цениш труд

Пред да отидам во Америка, немав навика да оставам бакшиш во ресторани. Денес знам што значи да работиш со часови, да те болат нозете од стоење и вилицата од намонтирана насмевка за добредојде и знам колку мене ми значел секој tip. Научив да ги забележувам ценам сите луѓе што ми продаваат ѓеврек во пекара, го чистат влезот од зградата во која живеам, го возат автобусот со кој одам на работа и таксито со кое се враќам од диско.

  1. Затоа што ќе научиш што е љубезност

Ги знаеш оние продавачки што те демнат низ маркетот додека бараш кај им стои прашокот за печиво што и треба на мајка ти за тортата? Епа тие се ендемски вид кој расте единствено на нашево поднебје. Дури и да и е најлошиот ден, продавачката во GAP ќе те пречека насмеана, ќе ти каже што е на попуст во продавницата и ќе те замоли слободно да ја побараш ако ти треба било што. Ќе бара L големина од маичката што ти се допадна со сета посветеност на светов, и покрај тоа што истата таа маичка чини 10 долари и да не се лажеме, најверојатно нема ни да ја купиш. Greeter е вистинска професија и некој е платен само за да ти каже здраво кога ќе влезеш и да те испрати кога ќе си одиш. На улица ќе ти кажат здраво ако се разминете. Ако мислат дека носиш убави чевли денес, ќе ти го кажат тоа, и ќе ти го кажуваат често. Едноставно, Американците се фини. Затоа, брзо ќе се навикнеш да кажуваш  „Ви благодарам и имајте убав ден“. Те предупредувам дека кога ќе се вратиш другарите најверојатно ќе те зафркаваат дека си премногу културен.

  1. Затоа што ќе даде ново значење на парите

Лесно е да побараш 500 денари за излегување и да ги потрошиш без око да ти трепне кога не си ги заработил ти. Ама во моментот кога ќе видиш што значи да ги заработиш самиот, ќе сфатиш дека всушност и не е толку важно да си ја купиш онаа маичка што ја виде во излогот на Зара.

  1. Затоа што ќе научиш да цениш балканска храна

Ви кажав за cheese puffs и за зелената салата. Сега да ви кажам за дрвените патлиџани и за сирењето во спреј и сите одвратни бонбони и чоколатца што ги јадат Американците. Сирење? Нема! Јогурт? Може, ама благ, се јаде со лажица. Кога се вратив назад, сфатив што значи да изедеш топла домашна супа. Ама сфатив и дека во Македонија нема крофни како нивните. Нема ни deep dish pizza со тегав кашкавал во тестото, ни такви бургери, а ни beef jerky…

636132811716262198-1390764181_Do-Fast-Food-Companies-Have-to-Take-Responsibility-for-the-Obesity-Epidemic

  1. Затоа што ќе те научи дека поимот „дома“ е релативен

Баш поради таа вечната битка крофни vs. бурек, додека си во Македонија ќе сакаш да се вратиш во Америка, а додека си во Америка, ќе те фаќа носталгија за Македонија. И така, полека ќе сфатиш дека и Америка и Македонија се „дома“.

  1. Затоа што ќе сакаш да се вратиш пак

Не познавам човек што се вратил назад и рекол дека ужасно си поминал и повеќе не сака да стапне во Америка. Јас, за секој случај, си чувам едно куферче до креветот, во случај некој да ме разбуди и да ми каже дека итно морам назад 🙂

Пред да заборавам, разгледај тука за #ТОПСИ попусти што можеш да ги добиеш кај агенциите кои го организираат патувањето до USA и немој да се мислиш многу. Ова лето, правец Америка и да ни раскажуваш кога ќе се вратиш 🙂

Симона

Дирекција за трансакциско банкарство

Откривам мудри, инспиративни и напредни трендови, давам свое критично мислење и не се разубедувам лесно!

Напиши коментар

Мора да бидеш најавен за да коментираш. НАЈАВИ СЕ

Напишете коментар