Објавено на од во категоријата Без категорија.

f744d7a693679bec4ba1414ddbfcff7b-the-honest-job-interview

Ах тие интервјуа… Едно време мислев дека нема крај, одев од едно на друго интервју, имав добри, имав и лоши, ама по секое имав поголемо искуство. Одамна беше, но од тоа што го знам, начинот на кој фирмите ги прават интервјуата и понатаму е сличен. Ќе имате секакви интервјуа, во некои нема да бидат задоволни од вас, во некои вие нема да бидете задоволни од себе, а ќе има и такви во кои вие нема да бидете задоволни од компаниите во кои сте се пријавиле на конкурсот за работа. Секое интервју, пред сѐ, ќе ве научи нешто повеќе за вас самите и за процесот на вработување, кој не е секогаш лесен.

1-lfx20ATlhqRL7U5bbSs_mA

Суштината на секое интервју се прашањата, па како што споменав и во минатиот текст, ќе треба да одговорите на многу, но и ќе треба да поставувате и вие. Дел од прашањата ќе бидат стручни, во зависност од областа во која работи компанијата, но дел се и општи прашања. Иако, често токму тие што ги поставуваат, не знаат точно зошто прашуваат и што очекуваат како одговор, ајде да бидеме подготвени, да не оставиме ништо на случајноста и интервјуата да бидат ТОП! Ќе се обидам накратко да наведам неколку прашања со кои, најверојатно, ќе се сретнете, како и неколку што треба и не треба да ги поставите кога ќе ве повикаат на интервју. Има многу, но ќе се обидам со најчестите…

Чести прашања кои ќе ви ги постават (и насоки за одоговор):

Чести прашања што ќе ви ги постават (и насоки за одговор):

  1. Прашање: Кажете ми нешто повеќе за себе.

Одговор: Искористете ја шансата да го истакнете тоа што го сметате за суштинско и ваше достигнување, а го има и во биографијата. Зборувајте за вашите меки вештини (soft skills) и како ќе вклопат во работното место за кое конкурирате.

interview

  1. Прашање: Кои се вашите позитивни и негативни стани (слабости)?

Одговор: Бидете подготвени за ова, шансите се дека ќе ве прашаат! Одберете три ваши силни страни, во кои сте сигурни, и поткрепете ги со примери. А што се однесува на негативните… На ова секогаш ми било тешко да одговорам (не е дека ги немам)! Не повторувајте ја мојата грешка да кажете дека немате слабости бидејќи така изгледа како да не сте се подготвиле за интервју. Најдете некои области во кои не сте баш добри, но и да не се директно потребни за работното место за кое аплицирате. На пример, дека сакате да го подобрите германскиот, иако ви се бара само англиски за работата, или, пак, дека не сте баш најдобар презентер или продавач, доколку работното место е за програмер… Смислете си, ќе ви користи, и бидете искрени.

 

  1. Прашање: Зошто сакате да работите тука?

Одговор: Ова е шанса да покажете дека сте подготвени за интервју, да кажете нешто за компанијата, да ја пофалите нивната работа. Бидете подготвени и да ве прашаат што би подобриле кај нив.

Очекувајте да ве прашаат и што ве мотивира, зошто да ве вработат токму вас, па дури и колкава плата очекувате. Едно од последните прашања што ќе ви ги постават е: Дали би сакале вие да прашате нешто?

getty creative -- royalty free -- awkward interview, uncomfortable businessman, job interview, office, work, nervous, anxious, boss employee Just Shoot Me

Како што веќе споменав, ова е многу битен момент од дел од интервјуто и треба да го искористите добро. Никако не смеете да не прашате ништо, но битно е и што ќе прашате. Треба да го искористите овој момент да покажете сериозност, разбирање за компанијата, како и амбициозност. Неколку прашања што треба да ги поставите, а ќе ви ја подобрат позицијата како кандидат:

  1. Прашајте кои карактеристики ги бараат кај кандидатите за работната позиција. Одговорот на ова прашање ќе ви даде слика како сте поминале на интервјуто и дали тоа што сте го презентирале за себе одговара на тоа што го бараат тие.
  2. Прашајте кои се очекувањата од вас, доколку ја добиете работата. Со ова прашање давате до знаење дека сте сериозен кандидат и дека сакате да бидете сигурни дека успешно ќе одговорите на предизвиците што доаѓаат со работата.
  3. Информирајте се за вообичаениот пат на кариерата на вработените на позицијата за која конкурирате. Ова ќе остави впечаток дека сте амбициозен кандидат, но внимавајте да не изгледате вообразено. Поткрепете го со објаснување дека, сепак, вас ве мотивира успешност и постигнување резултати, а дури потоа напредок во структурата на компанијата.

Постојат и прашања што не треба да ги поставите, со цел да ја задржите сликата што сте ја создале за вас. Не смеете да создадете впечаток дека сте таму само затоа што ви треба работа, дека се мотивирате само финансиски. Постојат прашања што можат да остават впечаток дека не може да ви се верува, дека не сте истражиле доволно или, пак, дека нешто сакате да скриете. Во секој случај, без разлика на работата, не поставувајте ги следниве прашања:

  1. Какви попусти и придобивки имам како ваш вработен е прашање што треба да се избегнува, барем додека не почнете да работите во компанијата. Ако го поставите, оставате впечаток дека не ве интересира работата туку само да искористите нешто. Исто така, одговорот на ова прашање не треба да биде ни блику до пресудно дали ќе ја прифатите работата.
  2. Дали може да доаѓате подоцна, да работите од дома, или кога ќе може да земете одмор се прашања што ќе остават лоша слика за вас. Уште не сте почнале, а создавате слика дека сте мрзливи!
  3. Прашањето кога ќе добиете или да очекувате покачување не треба да се постави на првото интервју. Вообичаено, кога да очекувате покачување зависи од вас исто колку и од работодавецот, а остава слика дека сте премногу самоуверени или вообразени.
  4. Ако огласот за работа е доволно јасен, не прашувајте што ќе работите. Ова значи дека не сте разбрале, прочитале или истражиле што, всушност, е работната позиција.
  5. Не прашувајте дали проверуваат референции, дали имаат безбедносни камери и обезбедување! Овие прашања создаваат слика дека не сте искрени или сакате да скриете нешто и ќе ја расипат перцепцијата за вас како кандидати, без разлика дали до овој момент сѐ друго им се допаднало.

 

Фактот дека вие последни поставувате прашања има голема улога во вкупната перцепција за вас и за интервјуто, а со тоа и дали ќе ви биде понудена работата. Доколку одговорите не ви се допаѓаат, не плашете се да ја одбиете работата. Сепак, подобро е да загубите време во барање работа, отколку да загубите време работејќи нешто што не ви е фокус, не ве исполнува, или во средина што сметате дека нема да ви помогне во остварување на долгорочните цели.

Што е следно? Останете на topsi.mk, па да видиме што треба или не треба да правите кога ќе почнете на ново работно место.

 

Иво

Дирекција за управување со картични производи

НА КРАТКО ЗА МЕНЕ?
Банкарот од твоето маало кој сака да пишува, објаснува и полемизира особено на тема картички, гаџети и искуства од патувања!

Последни постови од Иво (види ги сите)

Напиши коментар

Мора да бидеш најавен за да коментираш. НАЈАВИ СЕ

Напишете коментар