Објавено на од во категоријата мобилни апликации.

Тагови:

bitcoin_header1280_credit_Julia-Tsokur

Она што во 1850тите била златната треска, денес е Биткоинот. На пазарот се појавува во 2009 година под мистериозни околности кои го прават најзборуваната појава во последната деценија, што поради генијалноста на идејата, а уште повеќе поради ненадејниот успех и пораст во вредност кој го постигнува за кратко време.

Со Биткоинот за прв пат се запознав додека бев студент и до денес се уште има толку многу аспекти кои ми се непознати и интересни, што решив денес малку да пишувам на оваа тема.

Што е Биткоин?

Биткоин е валута, концепт налик на „обичните пари“ кои денес ги познаваме – евро, долар, денар и слично, со една „мала“ разлика – биткоинот е децентрализирана крипто-валута, дигитални пари кои се креираат, чуваат и трошат електронски. Што значи дека во суштина не постои во физичкиот свет, не е регулиран на стандардните начини кои денешната светска економија ги познава, ги исклучува сите финансиски посредници кои се неопходни за одржување и менаџирање на традиционалните валути кои ни се познати и поради тоа претставува финансиски феномен на овој век.

Она што е интересно во врска со Биткоин е што сè уште не постои потврда за тоа кој всушност стои зад креирањето на Биткоин валутата. Постојат различни теории, дел од нив возможни, дел сосема скандалозни и неверојатни, но повеќето говорат дека името Satoshi Nakamoto е всушност псевдоним зад кој се крие не еден, туку тројца креатори на Биткоин. Оваа теорија ја поткрепува барањето за патентирање на Биткоин , поднесено на 15 август 2008ма година од страна на Neal Kin, Vladimir Oksman и Charles Bry, но тие ја негираат својата поврзаност со наводниот автор на концептот за Биткоин – Satoshi Nakamoto, со што мистеријата до денес останува нерешена.

Дали постојат други криптовалути, освен Биткоинот?

Секако дека да, на пример Litecoin, Ripple, Namecoin, Primecoin, Quarkcoin, Peercoin итн. Најдов некоја информација дека кон крајот на 2016 година постоеле околу 710 разновидни крипто-валути достапни за тргување. Mind blown! Мене Биткоинот сепак ми е најинтересен, ама постои и Dogecoin! 🙂

Темните почетоци на Биткоинот

Бидејќи е сосема нерегулиран од страна на традиционалните финансиски институции, Биткоинот овозможува целосна анонимност на своите корисници. Ова секако остава простор за потенцијални злоупотреби и користење на Биткоинот за обезбедување на добра и услуги кои не се особено легални во светот каков што го познаваме. Се смета дека ваквата валута е креирана токму со такви цели, особено што неговите почетоци се поврзуваат со т.н. deep web. Deep web-от е дел од Интернетот (или WWW) чии содржини не се индексирани од страна на стандардните пребарувачи поради разновидни причини. Постојат проценки дека deep web-от претставува околу 96% од целокупниот Интернет (mind blown ПАК!). На оваа тема имам еден документарец кој топло го препорачувам – Deep web, феноменален е и мора да го гледате!

Како до Биткоини?

Наједноставно кажано, постојат два начини да се дојде до биткоини. Едниот (и поедноставниот) е да ги купиме, а другиот е преку ископување. За да се купат биткоини неопходно е да се има wallet или дигитален биткоин паричник. Постојат повеќе различни типови на биткоин паричници, за десктоп и мобилни оперативни системи, како и веб апликации – денес е барем едноставно, пишувaш Bitcoin Wallet на Playstore и бираш 🙂 За ископување на биткоини потребно е мааааалку повеќе труд 🙂 Токму ископувањето е тоа што ја дава вредноста на Биткоинот како валута. Иако не се врши физички, ископувањето е долг и макотрпен процес кој станува се потежок и потежок со секој минат момент. Едноставно кажано, ископувањето се врши со огромен број на особено силни компјутерски конфигурации во сопственост на индивидуалци или групации кои решаваат алгоритми за да дојдат до „блокови“ на биткоини – процес сличен на дигитално ископување на злато. Потоа овие блокови на биткоини можат да се продаваат и чуваат во дигитални паричници.

Колку вреди еден биткоин?

Почетната вредност по која се тргува со Биткоинот во САД е 1309,03 биткоини за еден американски долар – пресметка која се заснова на равенка во која се вклучуваат трошоците за електрична енергија потребна за работа на еден компјутер кој генерира биткоини. Денешната вредност на еден биткоин е нешто помала од 2900 американски долари. На Интернет кружат и приказни за определен тип Kristoffer Koch bought кој во 2009 година, за потребите на своја научна теза на тема енкрипција, купил 5,000 биткоини за 27 долари, кои денес се вредни 886,000 долари. И со зборови: Осумстотини осумдесет и шест илјади долари. По тековен курс на доларот во сооднос со денарот, тоа се околу  48,592,581 денари. Ова нема да пробувам да ви го напишам и со зборови. Камо мене да ми текнеше некоја ваква тема кога пишував дипломска 🙂

Што можам да купам со Биткоини?

Зависи каде живеете, ама во суштина, во Македонија не може да се купи апсолутно ништо 🙂 Некаде таму во светот постојат луѓе кои со биткоини купуваат цвеќе за девојките, храна во локалното гранапче и гардероба од познати брендови. Но, пред да се залетате да си купите по некој биткоин (во случај некој да има 3000 долари во џеб) важно е да знаете дека кај нас Биткоинот како валута е се уште не е легален. А и да беше легален, нема баш каде да го потрошиме, па ни остануваат „само“ платежните картички на СБ како опција за да не носиме готовина со себе 🙂

Соопштението за биткоин од НБРМ може да го видите тука.

Симона

Дирекција за трансакциско банкарство

Откривам мудри, инспиративни и напредни трендови, давам свое критично мислење и не се разубедувам лесно!

Напиши коментар

Мора да бидеш најавен за да коментираш. НАЈАВИ СЕ

Напишете коментар