Објавено на од во категоријата TOPSI, вработување, Студирање.

Intervju_blog_Simona

Дипломирав како класична бубалица – во јуни, со висок просек и со уште повисоки очекувања за идното работно место. Без да си дадам фора за одмор, се фрлив на пишување CV, мотивациски писма, посветено барање на огласи…еден ден, една недела, еден месец…Никој не ме викна на интервју. Баба ме штипка за образи, фамилијарна гордост, да бидам уште поуспешна од сестра ми, мама ми вика да не се секирам, сé ќе било во ред. А во главата едно проклето гласче, ме прашува до кога ќе земам пари за излегување од домашните. Ме потсетува дека колку и да не ми оди математика, има 1000 студенти во генерација и тоа само на Економски, свежо дипломирани и посветени на истата задача како и јас… Во најмала рака, не ми делуваше како да ми се големи шансите.

 

И после ме викнаа на три интервјуа во еден ист ден. ТриТРИ.

Па, еве ме, денес, со безмалку две години работно искуство во Стопанска. Мама беше во право. Фала, мама! 😀

 

Даниел ти раскажа како изгледа да работиш кај нас и ти кажа каде да аплицираш, а јас мислев дека веројатно ќе ти биде од корист ако ти кажам како поминав на интервју, за да можеш да се подготвиш додека чекаш да ти се јавиме 🙂

 

Првиот впечаток. Во милион статии со совети за „Како да поминеш добро на првото интервју“ стои еден, навидум неверојатно глупав совет, ама во суштина многу точен. Мораш да бидеш свој. Јас на пример имам мнооооогу виткана коса и веројатно е стереотип во прашање, но според сите правила, права коса изгледа попрофесионално. Сите тие три интервјуа на кои сум била во животот почнаа со прашање дали косата ми е природна 🙂 Супер мразокршач, а и веројатно сум оставила силен впечаток, па сите три интервјуа беа успешни и добив можност да си одберам едно од три работни места кои ми беа на располагање. Ако немаш виткана коса, не е страшно 🙂 , битно е да бидеш тоа што си. Дојди уреден, испеглан и умствено подготвен, на никого не му е важна скапа гардероба и последна мода.

 

Домашната задача. После првиот впечаток, многу е важно да се посветиме на тоа што ќе се случи кога ќе отвориш уста 😀 Истражи си го работодавачот пред да дојдеш на интервју. Во денешно време барем е лесно, Google ти е прв другар. Веб-сајтот на компанијата е прв чекор, а јас информации си црпам и од LinkedIn. Ако немаш профил, секако направи си, ќе ти биде од корист во потрагата, а ќе му олесни и на работодавецот во процесот на интервјуирање и проценка. Прочитај што е можно повеќе, на пример кога ќе те викнеме на интервју во Стопанска, убаво е да знаеш што е можно повеќе за производите на банката, нашите проекти за општествена одговорност, како и она што нас не прави поинакви од другите на пазарот. Hint: Понекогаш поставуваат прашања и од блог-постовите на topsi.mk 😉 😉 😉

 

Пинокио. Основно правило, на интервју нема лажење. Да не испадне после вака 🙂

Да не е ладно овде? Стварно се приметува дека се тресеш. Се приметува и дека е од трема. Не, не е ладно и никој друг не се тресе. Замисли си да си работодавач и на интервју ти доаѓа некој што не може уста да отвори од што му е страв од тебе, едвај погледнува подалеку од чевлите, во очи никако не гледа, дланките испотени, гласот му трепери, не се сеќава ни како се вика… Јас не би го вработила 🙂 Затоа опушти се.

 

Твојата најслаба страна. На интернет кружат милион статии со потенцијални прашања кои може да ти бидат поставени на интервју. Смисли си одговори за секое од прашањата кое ќе го најдеш. Подобро е да бидеш подготвен, дури и за прашањата кои не ти се чини дека ќе ти бидат поставени. Мислам дека нема потешка задача на светов од тоа да одговориш на прашањето „Опиши се себеси со еден збор“ без пред тоа да го имаш смислено одговорот.

Состанок со стара симпатија. Додека студирав си имав зацртано дека кога ќе дипломирам ќе работам во start-up компанија. Си имав некоја романтична замисла дека таму е супер кул, канцелариите им се вакви, а работата е иновативна и динамична. Првото од тие трите интервјуа на кои бев беше во еден start-up. И не ми се допадна. Муабетот ми е дека интервју ти е како прв состанок. Може да не испадне како што си планирал. Може да биде и љубовта на твојот живот, само треба да си кликнете. Не се задоволувај со било што, работи многу, учи константно, листај огласи и научи колку вредиш за да може да ти се случи љубов на прво интервју.

 

Фала многу, пријатно. Се договоривме за првиот впечаток, се спремивме максимално за сите прашања, интервјуто помина и сега доаѓа оној awkward момент кога ти кажуваат дека интервјуто е завршено и ќе ти се јават ако те одберат. Сега треба да станеш и фино да се поздравиш и да излезеш. Е не знам зошто, ама мене ова ми е најтешко. Дали да се ракувам со сите присутни? Дали едвај чекаат да излезам? Дали ми излегла кошулата од панталоните додека сум седела?

 

Од досегашното искуство, некако најдобро ми се покажало наједноставното „Ви благодарам на одвоеното време и се надевам дека се слушаме наскоро“. Е сега, моите три интервјуа беа во зима и стратегијата ми ја опфаќаше горенаведената реченица, па собирање на капут, шал, капа, ракавици, станување, оп се сопнав на шалот, ташна, „Пријатен ден“ и конечно излегов. И тогаш ми текна дека го заборавив чадорот, а надвор врне.

 

Трпение. Е сега само уште да ти се јават 🙂 Имај на ум дека обично процесот на селекција знае да потрае. Само не губи надеж. Со среќа!

 

 

Симона

Дирекција за трансакциско банкарство

Откривам мудри, инспиративни и напредни трендови, давам свое критично мислење и не се разубедувам лесно!

Напиши коментар

Мора да бидеш најавен за да коментираш. НАЈАВИ СЕ

Напишете коментар