Објавено на од во категоријата Без категорија, вработување, Стипендии.

soft-skills

ТОПСИ екипа, имам замисла да напишам неколку текстови, кои на крај ќе претставуваат една целина од совети и од насоки за вашата биографија, совети што да правите и како да се подготвите за интервју, каде грешиме на интервјуата за работа и слични теми, што, се надевам, ќе ве интересираат. Коментирајте, прашајте, дајте насоки што ве интересира, а јас ќе се обидам да ви бидам и интересен и корисен. И ќе кажам каде сум правел грешки, од оваа перспектива, ама да не ми се смеете 🙂

 

Пред да почнам со првата тема, да се разбереме, не сум некој стручњак во овие работи, ама се трудам да следам и да читам колку што можам повеќе, па така да ви го претставам тоа што сум го научил, малку изџвакано, тука на топси.мк

Одлични страни за оваа намена се forbes.combusinessinsider.cominvestopediа.comweforum.org и слични и ги препорачувам, а и направете си профили на linkedin, има луѓе што често даваат совети или споделуваат интересни содржини на овие теми, а и вработуваат.

Пред некоја недела вниманието ми го привлече еден интересен текст за тоа што се бара од потенцијалните кандидати за работа. Да не навлегувам во фактот дека моментниот пазар на труд е сосема поинаков од пред 5, 10 или 15 години, како во светот, така и кај нас, па, според тоа, тоа што работодавците го бараат, особено во модерни, прогресивни и динамични компании, е, навистина, многу повеќе од тоа дали знаете англиски или сте имале 10 по математика. Не, не, не, далеку од тоа дека сега не треба да учите или дека англиски и математика не се битни. Но тоа што се бара, е многу повеќе!

 

Интересот на оваа тема ме наведе да истражувам малку, па знаете како оди, од еден линк на друг линк, на трет линк, и останав без спиење… Ама прочитав многу интересни работи и еве неколку факти што ќе ве натераат да размислувате какви вештини и способности имате и кои се тие што треба понатаму да ги развивате.

Во едно од истражувањата се истакнува дека само 20 проценти од работодавците се изјасниле дека на кандидатите за работа и на новите вработени им недостигаат познавања од типот математика или јазици, односно тврди вештини (hard skills), но повеќе од една третина сметаат дека тоа што, навистина, недостига е тимска работа, аналитички пристап, интерпретација и анализа на податоци, самоиницијатива, организираност, соработка, навременост, односно меки вештини (soft skills).

 

Тоа што е интересно е фактот дека вработените што имаат високо ниво на овие меки вештини, побрзо и полесно се вработуваат, а токму овие карактеристики им овозможуваат побрзо да учат, да се приспособат, а со тоа и да напредуваат. Секако, на крајот, ваквите вештини резултираат и со повисоки примања. Дополнително, младите што се приспособливи и добро се снаоѓаат во тимови, побрзо се вработуваат на неопределено време, а со помош на своите карактеристики успешно преговараат и за поголема плата.

 

Светскиот економски форум, кој се одржува секоја година во Давос, во еден од своите извештаи нагласува дека луѓето со емотивна интелигенција (emotional intelligence), способност за работа и за менаџирање луѓе, како и креативците, ќе бидат особено барани на пазарот на труд во 2020 година, многу повеќе од тие што на факултет ги научиле дефинициите на памет или можат без дигитронче да поделат 3498020218 со 144567 за 3 секунди до четврта децимала.

 

И знам дека на многумина од вас ова им е веќе познато, на еден или друг начин, па затоа во биографијата сѐ почесто гледаме еден куп меки вештини наредени таму чисто затоа што ги имало во биографијата на тој другарот што ви ја пратил, или сте прочитале дека така треба во некој ваков текст најден на интернет. Проблемот е тоа што ваквите вештини можете да ги набројувате и набројувате, но за нив не постои сертификат каков што постои за завршен курс по англиски, или, пак, признание какво што се доделува за учество во натпревар по математика. Овие вештини работодавците се трудат да ги оценат на интервјуата за работа, а се предмет на оценa и со почетокот на вашето вработување. Кога сме веќе кај вашата биографија, не полнете ја со глупости, сепак треба да биде прецизна и концизна, ама за тоа повеќе планирам во следната пригода 🙂

Во меѓувреме, размислете какви вештини имате, колку се тие суштински за работата што ја имате или ја посакувате, а и како можете да развивате нови способности.

 

P.S.

Математика и англиски ги земав како пример, не ги хејтам 🙂 Напротив, математика ми беше омилена, а речиси целото образование ми беше на англиски…

 

Иво

Дирекција за управување со картични производи

НА КРАТКО ЗА МЕНЕ?
Банкарот од твоето маало кој сака да пишува, објаснува и полемизира особено на тема картички, гаџети и искуства од патувања!

Последни постови од Иво (види ги сите)

Напиши коментар

Мора да бидеш најавен за да коментираш. НАЈАВИ СЕ

Напишете коментар