Објавено на од во категоријата shopping, Студирање.

Тагови:

tumblr_nocqhmqge21tl5q5oo1_1280-1-780x300

Здраво пак! Одамна се немаме дружено, ама, да ви кажам право, и не се жалам што на Иво толку добро му тргна со блогирањево 🙂 Се одморив, се изнауживав, а богами и супер ми се погоди терминот за блог-пост. Денес почнува Саемот на книгата и за ваква бубалица како мене, тоа е еднакво на празник! 🙂 Периодов сум суперзафатена со милион обврски и некако излезе дека до сабота тешко дека ќе стасам да го посетам, па решив да направам една кратка листа на книги што вреди да се купат и кои препорачувам задолжително да ги прочитате за да ве подготвам за паметно пазарење на саем. За сите тие што не можат да стасаат да одат на саем или, едноставно, не им се допаѓаат тисканиците таму, се потрудив сите книги да ги линкувам за да можете да си ги купите и онлајн, со картичките на СБ 🙂 Само немојте сѐ да купите, па да нема ништо интересно за мене!

  • Што било од Буковски. Кога луѓето мислат на класици, во ниеден случај не мислат на Буковски. Нема понетипичен избор од Буковски кога станува збор за класици, ама, дефинитивно, не смеете да го заобиколите. Или ќе го обожавате, или никогаш нема да му ги сварите вулгарностите и песимизмот. Брилијантен е и сурово искрен, а јас и не сум некој литературен критичар, па ми е дотолку потешко да го опишам. Во секој случај, оваа година одберете барем една книга од него, (јас гласам за „Пошта“ – неговиот прв роман и автобиографски осврт на неговиот живот), но нема да погрешите што и да одберете, а на саем, обично, има огромен избор.
  • A clockwork orange – Ретко останувам без зборови, ама оваа книга, едноставно, не се опишува. Можеби некој од вас веќе го има гледано филмот и не знае дека истиот е направен според книга, или, поточно… според најчукнатата книга на сите времиња. На саем ќе ја најдете и преведена на македонски и тоа под насловот „Пеколен портокал“, но јас, сепак, би ја читала во нејзината оригинална форма. Нема да ти кажам зошто 😉
  • Книга од македонски автор. Најтешко ми паѓа да одберам книга од македонски автор и некако неправедно ги избегнувам со години. Решив дека секоја година ќе купувам барем по една книга од македонски автор и попатно си најдов некои нови фаворити. Оваа година ќе ја купам „Собирачи на пепел“ од Давор Стојановски затоа што „Роман на годината“ на „Утрински весник“ и не е мала титула за една книга 🙂
  • 501 книга Долго време ги гледам, ги сакам и никако на некого да му текне да ми подари некоја. Оваа година сама ќе си ја купам 501 HYPERLINK “http://www.kupikniga.mk/BookDetails.aspx?Pr=75543″Must-visit cities, затоа што во отсуство на време за патувања, нема ништо подобро од тоа да сонуваш.
  • Крими-роман. Тука и немам некои големи дилеми. Вљубена сум во сè од Агата Кристи, колку и да звучи како клише. Омилена ми е „Вечната ноќ“, а последно ја читав „Петте мали прасиња“ (нема врска со трите прасиња 😀 ) и мислам дека кога станува збор за крими-романи, Кристи е ненадмината.
  • Поезијата на Едгар Алан По. Никогаш не сум сакала да читам поезија (освен таа на Неруда) ама имам чувство дека Едгар Алан По ќе ми го смени мислењето, особено затоа што е драматичен и мрачен, што е прилично необично за поезија, што значи дека ќе ми се допадне 🙂
  • Фантазија. Првата и втората од книгите Assassin’s Creed ги добив на подарок и сосема сум заразена. Напишани се според играта и сериозно се добри. Овој пат ќе ја купам третата од серијата. А, можеби, и четвртата и петтата. За жал не успеав да ги најдам сите делови онлајн, па ако сакате некоја од нив, ќе мора да дојдете со нас на саем.
  • Бонус книга. „Дома е најлошо“ од Ефраим Кишон. Не сум знаела дека е можно да се смееш до солзи додека читаш книга. „Дома е најлошо“ ми ја позајми некој, не се ни сеќавам кој затоа што едно три-четири години е во мои раце и немам намера никогаш да ја вратам. Освен во случај да успеам да си најдам сопствена копија, што многу тешко ми оди. Едноставно, ја нема никаде. Ако некој од вас успее да ја најде, ве молам да ми кажете каде да си ја купам, сопственикот на оваа што ја немам вратено сигурно ме мрази 🙂

И така, доаѓаме до еден конкретен тип книги за кои јас никогаш не сум имала особен интерес, а знам дека многумина од вас ги читаат и со задоволство го чекаат саемот за да се подноват со уште некоја. Нема да должам многу, Марија ќе ви каже сè што треба да знаете за нејзиниот избор на книги. Ако ви се допадне ќе ни биде и блогер засекогаш, а сега засега, тест–возење низ страниците на нејзините омилени женски романи 🙂 Девојки, за сите тие убави, шарени корици, со редови и редови полни со женски приказни, ве предавам на Марија 🙂

Здраво Топси момци. Да ви се претставам, јас сум Марија и сум дел од Контакт Центарот на Стопанска банка, страстен љубител на книги и на патувања. За мене секоја книга е откривање нов свет, ново патување и нова порака. Сакам да читам романтични книги, драми, книги исполнети со приказни од секојдневниот живот и, исто така, трилери, кои ќе ме остават во неизвесност до самиот крај. Мојата соба е исполнета со многу книги, но јас секогаш си велам дека немам премногу книги, туку немам доволно полици 🙂 Мој предлог за книги што треба да ги купите на овој саем, доколку веќе не се дел од вашата библиотека, се триологијата Казна за гревот од српската писателка Јелена Бачиќ Алимпиќ, Куќата на орхидеите од Лусинда Рајли, Незаборав од Алисон Ричмон, Без збогување од Линвуд Баркли, Загубената ќерка од Дајен Чемберлен, Сеќавање на љубовта од Алисон Ричман. Јас веќе имам одбрано неколку книги што ќе ги купам на овој саем, тие се Девојката од Бруклин од Гијом Мисо, Ангелско дрво од Лусинда Рајли и  Лавиринт на духовите од Карлос Руиз Зафон и, секако, уште некоја книга што ќе ми го привлече вниманието“.

 

И за крај, Марија ми кажа да ве потсетам да ја понесете дебитната картичка од Стопанска со себе кога ќе одите на саем. Знаете дека никогаш не може да се испланира колку пари ќе требаат за сите книги што ги сакаш 🙂 Плус, за време на саемот речиси сите книжарници на интернет имаат попуст, па на лесен, брз и едноставен начин ќе си ги купите омилените книги без да мрднете од дома. Многу често книжарниците нудат и попусти за купување на интернет, па зошто да испуштите да си купите книга плус и тоа на попуст. Со Марија нестрпливо ги чекаме вашите коментари и предлози за добри книги во случај да имаме испуштено нешто погоре 🙂

 

 

Симона

Дирекција за трансакциско банкарство

Откривам мудри, инспиративни и напредни трендови, давам свое критично мислење и не се разубедувам лесно!

Напиши коментар

Мора да бидеш најавен за да коментираш. НАЈАВИ СЕ

Напишете коментар